Портпаролката на Владата, Марија Митева, денеска се обрати до јавноста и даде објаснување околу состојбата со споменикот „Македониум“, кој е симбол на македонската историја, државност и културен идентитет.
Митева истакна дека реконструкцијата на „Македониумот“ започнала пред повеќе години и требало да заврши во 2017 година, но со симнувањето на скелето од страна на претходната власт, процесот бил насилно прекинат и оставен без соодветна заштита. Од тогаш до денес, седум години, не било преземено ништо за завршување и заштита на споменикот, што оставило значителни последици врз неговата состојба.
„Денешната состојба не е резултат на негрижа од актуелната Влада, туку на долгогодишно одлагање и непостапување во изминатите години. Наша обврска е да го исправиме тоа“, рече Митева.
Таа додаде дека Владата, преку Министерството за култура и туризам и во соработка со НУ Завод и музеј Прилеп, веќе презема конкретни чекори. За оваа година е обезбеден проект за интервентна заштита во вредност од 2,5 милиони денари, кој ќе биде реализиран до крајот на 2025 година. Паралелно, НУ Завод и музеј Прилеп работи на проект за целосна реконструкција и конзервација на целиот комплекс, кој ќе биде финализиран до средината на 2026 година. По неговото завршување, Министерството ќе ја утврди динамиката и планот за финансирање на целосната реконструкција.
Митева потенцираше дека „Македониумот“ е уникатен архитектонски и уметнички објект, изработен од бетон, витражи и специфични материјали што бараат врвна стручност. Дел од експертизата ќе биде обезбедена и од странство за да се гарантира трајна заштита на овој културен споменик.
„Македониумот нема да биде оставен да пропаѓа. Ќе го реконструираме, ќе го сочуваме и ќе му ја вратиме заслужената слава. Овој споменик не е само културна вредност, туку е дел од нашата национална меморија и идентитет, и како таков ќе биде пренесен на идните генерации“, порача Митева.
Читај и ова:
- 1.ФОТО Пожар во Илинден – огнот се приближува до куќите
- 2.Руски дрон погоди станбена зграда во Полска, објавија локалните медиуми
- 3.Полскиот премиер: Најблиску сме до војна од Втората светска војна
- 4.Дневен хороскоп за среда, 10-ти септември 2025 година!
- 5.Кривична пријава против самостоен инспектор од СВР Битола – оддавал службени тајни