Министерката за одбрана Славјанка Петровска на брифинг со новинарите потврди дека земјава донира воедна опрема на Украина. Таа рече дека Владата донела досега три одлуки за донации на Украина, без притоа да потврди што точно се донира.
Петровска рече дека едната одлука е за тенковите кои веќе граѓаните ги видоа на патиштата низ Македонија.
„Она што беше видливо е транспортот на тенковите, нема сега да соопштиме колкава количина, но да, тие се дел од донацијата“, изјави министерката за одбрана Славјанка Петровска.
Одлуката е донесена врз тоа да се помогне на тој што е нападнат, а не тој што напаѓа.
Одлуката за донација на воена помош на Украина е апсолутно одлука на суверена држава, без разлика што сме членка на НАТО, рече денеска министерката за одбрана, Славјанка Петровска.
„Владата сметаше дека во услови кога една друга суверена и самостојна држава е нападната, Украина, треба да помогнеме водејќи се од општите принципи на самостојност. Од тие причини ја донесовме одлуката за воена поддршка на Украина, во опрема, затоа што Украина е државата што беше нападната“, рече Петровска.