По прогласување на кризната состојба поради влошување на состојбата со Ковид 19 на располагање ќе бидат капацитетите на сите приватни болници и поликлиники, како и кадарот кој што таму работи. Претседателот Стево Пендаровски вели дека тоа значи дека Владата може да управува со приватните здравствени установи со цел справување со пандемијата.
„Тука не станува збор за национализација на приватните болници, туку за управување со нив во битката со пандемијата, во обем во кој Владата ќе оцени каде е тоа неопходно. Инаку знаете дека приватната сопственост е гарантирана со Уставот и тука не станува збор за национализација или менување на сопственоста“, изјави Стево Пендаровски – претседател на РСМ.
Пендаровски додава дека за сите услуги кои што приватните здравствени установи ќе ги даваат ќе добијат обесштетување, односно компензација која не може да биде повеќе од 30% од пазарната вредност. Министерот Филипче вели дека ќе ја разгледуваат законската можност за искуристување на приватниот капацитет.
„Со оваа одлука се наментнаа и некои други прашања се мисли на, сега не можам да одговорам затоа што прв пат се случува ваква ситуација. Уште од денес ќе закажеме состаноци со нашите правни тимови, ќе ги анализираме сите закони, најбитни се капацитетите, болничките кревети и лекарите кои што треба да се вклучат во оваа борба“, изјави Венко Филипче – министер за здравство.
Инаку премиерот Зоран Заев во емисијата „Клик Плус“ рече дека граѓаните пред да одлучат да одат во приватни клиники, треба да проверат што има и што нуди државниот систем. Тој порача дека доколку некој има вишок пари, може да оди во приватните клиники, но дека истата услуга може да ја добијат и во државните болници.
„Ако некој има вишок пари, бујрум нека оди, тоа се лиценцирани компании, здравствени установи кои работат нормално за профит. Ние како држава не работиме за профит. Трансплантација на крв има на Инфективна клиника, ремдесивир има на Инфективна и се дава по шаблон според упатствата од Светската здравствена организација“, изјави Зоран Заев – премиер на РСМ.
Околу 200 евра чини еден ден болничко лекување на пациент со ковид-19, додека болен приклучен на респиратор над 4 дена ја чини државата 5.700 евра. Оваа цена е според актуелниот ценовник и важи и за случаите со ковид-19. За разлика во приватните болници лекувањето за трансплатација на крвта чини над 12 илјади евра. Побаравме став од приватните болници за тоа како ќе постапуваат кога Владата ќе може да управува со нивните ресури и колку се подготвени, но до почетокот на ова информативно издание, одговор не добивме.
.
