Последните остри реакции на бугарскиот државен врв дека не отстапуваат од нивните црвени линии за отвореното прашање за Гоце Делчев беше повод пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Магдалена Манаскова да постави прашање до премиерот Зоран Заев за оваа тема. Таа запраша дали нашава земја има план Б доколку се остварат заканите од Бугарија за можно блокирање во процесот на преговорите со Европската унија.
Премиерот Заев рече дека ваквите зборови го погодиле и него, но договорите и со Бугарија и тој со Грција го отворија нашиот пат кон почеток на преговори со Европската унија и членство во НАТО. Потенцираше дека и двата договора ги гарантира идентитетските прашања. План Б нема вели Заев и најави дека деновиве ќе одржи средба со комисијата за да види до каде е дојдено со преговорите. Сепак рече очекува ова прашање да биде решено.
До премиерот беше поставено прашање и од Антонио Милошоски кој се интересираше од каде Заев знаел за истрагата на Диамед со што ги информирал сопствениците на Диаверум дека е покрената предистражна постапка и дали има тесна соработка со обвинителството од каде што добива податоци. Заев на ова одговори дека немал намера да бара информации, туку дека на средбата со инвеститорот и шведскиот амбасадор било поставено тоа прашање. Логично е во таков случај, да ги информирате за тоа што се случува, рече тој.