Македонската влада за прв пат објави листа со 15 македонски државјани кои учествувале во паравоени формации во Сирија и Исламската Држава. За нив се одредени финансиски санкции поради учество во војната во Сирија и обезбедување пари за други да учествуваат во војната, пишува Радио Слободна Европа.
Имиња на 15 мажи на возраст од околу 30 години кои ја напуштиле државата за да се приклучат кон терористичката организација „Исламска држава“ во војната во Сирија за прв пат се најдоа на листа која ја објави македонската влада.
Тоа се луѓе кои не се во државата и против нив веќе имало истраги и меѓународна потерница. 15-мината на финансиската „црна листа“ заминале од земјава во 2014 и 2015 како припадници на ИСИС да се борат во Сирија. Дел од нив биле кривично гонети и затоа што обезбедувале пари за лица кои се заминуваат или се присутни во Сирија, додека друг дел пак потикнувале други луѓе со своите семејства да заминат за Сирија. Додека други, покрај нивното учество во паравоени формации, на товар им се става и дека со реобјавувањето на документарен филм насловен како „ Честа е во џихадот, порака до Балканците “ на социјалните мрежи потикнувале и други луѓе да им се приклучат.