Посетителите кои обезбедиле влезница за големиот концерт на Дејвид Гета во Скопје ќе мора навреме да ја заменат со специјална нараквица, која ќе биде единствен услов за влез на настанот.
Од „Авалон продукција“ информираат дека промената е воведена во координација со Министерството за внатрешни работи, со цел да се обезбеди побрз, поефикасен и посигурен протокол за влез на концертот „David Guetta: The Monolith Show“, кој се одржува по повод 35 години независност.
Замената на влезниците со нараквици ќе се врши во Градски парк – Вембли во Скопје, во специјално поставени куќарки, според следниот распоред:
- 4 септември: 16:00 – 20:00 часот
- 5 септември: 12:00 – 20:00 часот
- 6 септември: 12:00 – 20:00 часот
- 7 септември: 12:00 – 20:00 часот
При замената, посетителите задолжително треба да ја имаат купената влезница, во физичка или електронска форма, како и лична карта или друг документ за идентификација на лицето кое ќе ја носи нараквицата.
Од продукцијата посочуваат дека нараквицата ќе биде ставена директно на раката на лицето кое ќе присуствува на концертот. Таа не може да биде подигната од едно лице, а потоа да му биде предадена на друго.
Нараквицата мора да остане на раката до денот на концертот и не смее да се отстранува, оштетува или модифицира. Во случај да биде отстранета или оштетена, нема да може да се добие нова, а со тоа нема да биде дозволен ниту влез на концертот.
Од „Авалон“ нагласуваат дека на 8 септември влезот ќе биде можен исклучиво со исправна нараквица на раката. Самата влезница повеќе нема да биде доволна за влез на концертот.
По извршената замена, оригиналната влезница автоматски ќе биде блокирана и нема да може повторно да се користи ниту за влез, ниту за добивање нова нараквица.
За посетителите кои имаат влезница за нумерирана трибина важи дополнително правило – тие треба да ја зачуваат влезницата и по замената. Бидејќи местата на трибините се нумерирани, влезницата ќе биде потребна за пронаоѓање и користење на резервираното место.
За дополнителни информации во врска со концертот и останатите настани во рамки на проектот „35 години независност“, граѓаните можат да се обратат на info@avalonbooking.mk или да ги посетат информациите објавени на официјалната веб-страница на проектот.