Владејачкото мнозинство во Собранието доби нова поддршка откако ВМРО-ДПМНЕ и Демократската партија на Турците на Македонија (ДПТМ) денеска го официјализираа политичкото партнерство со потпишување договор за соработка и поддршка. Со тоа, бројот на пратеници кои го поддржуваат мнозинството се зголемува на 59.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Христијан Мицкоски оцени дека договорот претставува чекор кон дополнително зацврстување на политичката стабилност во државата.
Тој порача дека зголемената поддршка во Собранието не ја смета за привилегија, туку за дополнителна обврска кон граѓаните.
„ДПТМ ќе биде дел од владиниот кабинет, ќе има министер и неговото име ќе биде објавено по завршувањето на реконструкцијата на Владата. Во текот на следната недела предлогот ќе биде доставен до пратениците“, изјави Мицкоски.
Освен министерската функција, ДПТМ ќе предложи свои кандидати и за други институции, а според договорот, соработката е планирана како долгорочно политичко партнерство кое би продолжило и во идните изборни циклуси.
Претседателот на ДПТМ, Зулфикар Зејнула, изјави дека договорот е резултат на усогласување на програмските цели и најави дека партијата ќе биде конструктивен партнер во власта.
Тој посочи дека меѓу приоритетите ќе бидат развојот на државата, подобрувањето на институционалната застапеност на турската заедница, како и зачувувањето на нејзиниот јазичен и културен идентитет.
Одговарајќи на прашањата за промената на политичкиот курс, со оглед дека ДПТМ претходно беше дел од коалицијата „Европски фронт“, Зејнула рече дека таа соработка била прекината уште пред локалните избори.
„Ние веќе една година имаме раскинато договор со ‘Европскиот фронт’. Во Собранието делувавме како независна партија. Не станува збор за политички пресврт, туку за договор со ВМРО-ДПМНЕ за долгорочна соработка“, рече Зејнула.
Пратеникот Бејџан Иљас во Собранието влезе како дел од коалицијата „Европски фронт“, во периодот кога ДПТМ беше дел од тој блок, но во моментов дејствува како независен пратеник.