ВМРО-ДПМНЕ: Нема докази дека Јанакиески и Божиновски сакале да бегаат

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ бара судот да се ослободи од притисокот и да ги прифати жалбите на адвокатите на Јанакиески и Божиновски за определената мерка 30-дневен притвор. Како што вели портпаролот на партијата нема ниту еден релевантен доказ дека двајцата имале намера да не ги почитуваат мерките на претпазливост. Како што вели тој, Јанакиески и Божиновски се притворени, врз основа на фингирана службена белешка на Управата за Безбедност и Контраразузнување, класифицирана со строго доверливо, за случувања во претседателската палата, за кои и Претседателот на државата и притворените ги демантираа!

„Судот мора да се ослободи од притисокот и да ги констатира пропустите направени при изрекувањето на мерката притвор на Миле Јанакиески и Кирил Божиновски. Нема ниту една причина, нема доказ или релевантна информација дека тие имале намера да не ги почитуваат мерките на претпазливост кои веќе им се изречени. Доколку судот ги отфрли жалбите без никаков аргумент, тоа ќе биде потврда дека правната држава тука повеќе не постои“, изјави Наум Стоилковски – портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Извор: ТВ21