Дали третиот обид ќе биде конечен за усвојување на Законот за Комисијата за спречување корупција. Пратениците дадоа зелено светло законот да влезе во парламентарна процедура со европско знаменце. Министерката за правда, Рената Дескоска, рече дека роковите се куси, затоа побара поддршка од пратениците.
Додека власта бара Антикорупциска да се формира пред претседателските избори, ВМРО-ДПМНЕ предложи 37 амандмани и е против новопредложените ингеренции на Антикорупциска, како што е пристап до банкарските сметки и сметките на политичките партии.
СДСМ бара ВМРО-ДПМНЕ да не го блокира процес, бидејќи, како што велат, поголемиот дел од нивните амандмани се веќе прифатени.
Според Предлог законот, Антикорупциска ќе има пристап до сите податоци на функционаерите, кои ги имаат, УЈП, МВР, Фонд за пензиско, Катастар, Берза, Народната банка и до сите банкарски сметки. Антикорупциска ќе ги следи промените на имотите на функционерите и по завршувањето на нивниот мандат, ќе ги проверува сомнителните партиски вработувања и доделените грантови на блиски луѓе на политичарите. Антикорупционерите ќе имаат право и да ги повикуваат на разговор лицата против кои се води постапката, и исто така да користат и надворешни експерти.
Еден член на Комисијата ќе биде номиниран од Народниот правобранител, еден претставник од Советот за соработка меѓу владата и граѓанскиот сектор за областа Демократија и владеење на правото, член од Советот за соработка меѓу владата и граѓанскиот сектор за областа Медиуми и информатичко општество и по двајца пратеници од власта и од опозицијата. Антикорупциска потоа листата на кандидати ја доставува до собраниската Комисија, која ќе му ги предложи на Собранието да ги избере.
РЕПОРТЕР: ЗИМЕР ЈАШАРИ
