Опозициската ВМРО-ДПМНЕ преку својот портпарол Наум Стоилковски, на прес-конференција уште еднаш ја нападна власта за промена на името, и нивната еуфорија која се создаде по изгласувањето на уставните измени.
„Само владата за една намена, заглавена во криминогени делувања може да се радува на промена на Устав со цел промена на уставното име Република Македонија, македонскиот идентитет, македонската историја, посебноста на својот народ.
Само влада која има сериозни хипотеки, може да посегне и да го згази достоинството на народот, на пратениците, на собранието, на судскиот и обвинителскиот систем, само и само да ја исполни својата единствена цел на своето постоење- промена на Уставот со цел промена на уставното име на Македонија. И потоа да се фали со тоа!
Само Зоран Заев и неговите однародени ликови во власта може да се гордеат со лагите и со бруталноста и со теророт врз волјата на народот, врз јасно изразената волја на граѓаните на референдумот од 8 септември 1991 година и потврден на 30 септември 2018 година.
Македонија денес е завиена во црно бидејќи се чувствува продадена, погазена и уништена. Останува запишано дека 81 човек во Парламентот го променија името и идентитетот, а не народот, не граѓаните на оваа држава!
ВМРО-ДПМНЕ и мнозинството на македонскиот народ и мнозинството на граѓаните на Македонија не го подржаа овој договор. ВМРО-ДПМНЕ ќе направи се што е во негова моќ да се исправи неправдата во иднина.
Заев и вие од осрамениот СДСМ – не бегајте од одговорност. Немојте да се криете зад партиските одлуки. Излезете на избори! Тоа се избори каде што ќе победи народот, каде што ќе победи ВМРО-ДПМНЕ, за да победи достоинствена и горда Република Македонија.
Да живее достоинствена и горда Република Македонија“, истакна Стоилковски.
