„Внимание на сите! Ве молиме останете мирни и слушајте ги инструкциите“ – сирени одекнаа во Русија

Од Балтичкото Море до Пацификот, денеска во Русија одекнаа сирени за тревога како дел од сеопфатна национална проверка на системот за предупредување и итни ситуации. Алармот беше активиран истовремено во сите 11 временски зони во земјата.

Според информациите што ги објави британскиот весник Daily Mail, телевизиските и радио програмите биле привремено прекинати со пораката: „Внимание на сите! Ве молиме останете мирни и слушајте ги инструкциите“.

Од Министерство за вонредни ситуации на Русија соопштија дека станува збор за редовен национален тест чија цел е да се провери навременото пренесување на сигнали во случај на потенцијална закана по населението.

Сепак, тајмингот на тестирањето предизвика вознемиреност кај дел од јавноста. Вежбата се одржува во период на засилени тензии меѓу Москва и западните земји, додека руските државни медиуми во последниот период сè почесто говорат за можност од поширок глобален судир.