Вознемирувачки сцени се одиграа рано утрото во сабота во градот Хања на островот Крит, кога три студентки кои стопирале, се најдоа заробени во возило управувано од 20-годишен локален жител, кој започнал да вози опасно и агресивно, игнорирајќи ги нивните повици да застане и да ги пушти.
Исплашени и во паника, девојките се јавиле на итниот број 112, барајќи итна полициска интервенција, пренесува Zarpanews.gr. Полицијата реагирала веднаш, но младиот возач одбил да запре и дури се обидел да удри полициски мотоциклисти од специјалната единица ДИ.АС., по што се судрил со полициско возило.
Во момент кога возилото било запрено на семафор, две од трите девојки успеале да скокнат и да избегаат, додека третата останала во автомобилот сè до неговото конечно запирање од страна на полицијата.
Само неколку часа пред инцидентот, осомничениот објавил видео на социјалните мрежи, на кое се гледа како вози со огромна брзина, прави опасни маневри и „спинира“, додека се снима како да прави нешто за пофалба. На неговиот профил се наоѓаат и фотографии со оружје и пиштоли, што дополнително ги алармирало властите.
Според информациите, младиот повикал и неговиот татко да му помогне, кој веднаш дошол на местото, но наместо да помогне – и тој се судрил со полициско возило. Полицијата на крајот ги уапсила двајцата – татко и син, и ги однела во притвор.
Против нив се поднесени тешки кривични пријави, вклучувајќи:
- Обид за убиство во повеќе наврати,
- Незаконско лишување од слобода,
- Отпор кон службено лице,
- и опасно управување со возило.
Случајот предизвика огромна реакција во грчката јавност, која бара строги санкции за вакви видови насилно и безобзирно однесување, особено кога се засегнати млади жени и јавна безбедност.
