Се подготвува аукција за продажба на приватните предмети на американскиот мафијашки шеф Ал Капоне (1899-1947).
Во аукцијата ќе бидат опфатени пиштол, фотографии со семејството и „соработниците“ и писмото што од затворот Алкатраз му го испратил на синот Сони, а зад аукцијата стојат неговите внуки, кои со децении веќе живеат мирен живот во САД.

„На аукцијата во Сакраменто што ќе се одржи на 28 август, ќе има и оружје во сопственост на Ал и Сони, дел од златник, неговиот џебен часовник изработен од платина и дијаманти, мебел, сребро, порцелан и накит и домашен филм на стара лента „во кој се Ал Капоне и соработниците“, соопшти весникот „Сан Франциско Хроникал“.
Аукцискиот каталог се состои од вкупно 174 предмети.
77 годишната Дајан Капоне, една од трите живи внуки на поранешниот гангстер, чиј живот служеше и како мотив за познатиот филм „Скарфејс“, вели дека одлучиле за продавање бидејќи сите имале над седумдесет години.
„Решивме дека е време да се справиме со тоа и да и дозволиме на јавноста да ги има тие предмети“, порача таа.
