Во 2018 помош побарале 1.000 жени, молчат за семејното насилство поради страв од осуда

„Јас веќе сум била во Шведска. Отидов, а тој веќе ги убил луѓето. После отиде во Шведска без да знам јас дека тој направил таква работа. Тој си имаше проблеми и затоа можеби насилно се однесуваше со мене. Јас е плашам да не го пуштат бидејќи ќе си имам уште поголеми проблеми јас и фамилијата, децава…“, вели Билјана, една од жртвите на семејно насилство.

Билјана е една од ретките која одлучила за својот проблем јавно да проговори, но бројот на оние што молчат е многу поголем. Само во 2018 година 1000 жртви на семејно насилство побарале помош во Центрите за социјална работа во Македонија. Во четирите засолништа во земјава има згрижено 30 лица. А, до судовите, само оваа година се поднесени 581 предлог за изрекување на мерка заштита од семејно насилство, велат податоците на Министерството за труд и социјална политика. Иако се повеќе жени се охрабруваат да пријават насилство, сепак голем дел од нив се уште молчат, најчесто поради страв да не ги осуди заедницата.

„Една од причините зошто жените не се осмелуваат да го пријавуваат семејното насилство е каде ќе одам после тоа? Често се случува тие да не се финансиски стабилни. Тие немаат каде да се засолнат ако го напуштат својот партнер, тоа допринесува жените да не го пријавуваат. Македонија на оваа листа навистина е ниско ние немаме соодветно засолниште каде што жените би можеле да се згрижат и да им се даде соодветна помош“, рече Мерсиха Смаиловиќ, претседателка на „Легис“.

Според Истанбулската конвенција што Македонија ја ратификуваше оваа година, ако жената е жртва на насилство може да побара азил.

„Истанбулската конвенција го признава родовото насилство и други видови на насилство врз жената како причина за барање на азил. Така да ако жената е жртва на родово базирано насилство или семејно насилство и тоа го потврди пред органите, таа има право да добие азил.“, изјави Смаиловиќ.

Почнувајќи од вчера, 16 дена ќе трае кампањата против насилството врз жени и девојки. За таа цел зградата на Владата синоќа беше обоена во портокалова боја.

„Портокаловата со која што денеска ја боиме Владата и неколку излози во овие 16 дена, мора да признаеме дека без акција и посветеност од сите нас е само боја и не може да биде симбол за заштита од насилство и превенција како што ниту една друга боја не може да биде. Токму затоа сите ние заедно сме потребни да создадеме круг на заштита на секоја една потенцијална жртва“, изјави министерката за култура Мила Царовска.

Семејно насилство може да се пријави во сите Центрите за социјална работа на територијата на РМ, на бесплатната СОС мобилната линијата 070/075/077 141 700. За територијата на град Скопје, граѓаните можат да се јават на телефонскиот број 078/230-943.

РЕПОРТЕР: ДАНЧЕ АЗМАНОВА

Извор: ТВ21