Проценките се дека летово на Будва ѝ се потребни најмалку пет илјади сезонски работници, само на „Будванска ривиера“ ѝ се потребни околу 600, па затоа се принудени да бараат нови извори за ангажирање работници од далечни пазари.
Оглас
Со серија огласи распишани минатата недела, најголемата хотелска компанија во Црна Гора, во мнозинска сопственост на државата – Хотелската група „Будванска ривиера“, официјално го отвори „ловот“ на сезонски работници, од кои летово ќе бидат потребни околу 600.
Според зборовите на претседателот на Здружението на угостители на Будва, Александар Јовановиќ, проценките се дека ова лето на Будва ѝ се потребни најмалку пет илјади сезонски работници. Тој нагласи дека обезбедувањето на сезонска работна сила секоја година е горлив проблем, бидејќи има мал интерес од Црна Гора за пополнување на овие работни места, кои се клучни за одвивање на сезоната.
Келнер/ка, координатор/ка на плажа и базен, работник/ца на наплатна рампа, лифт-бој (лифт момче), помошен работник/ца во магацин за алишта, надворешен работник, готвач/ка специјалист, рецепционер/ка, помошен работник/чка во ресторан, работник/чка на базен и плажа, перач/ка на садови, работник/чка во зеленило, работник/чка во пекарница, возач на електрично возило за транспорт на храна, пекар/ка, работник/чка во велнес центар, помошен работник/чка во бар, надзорник/чка за хигиена, спасувач/ка, магационер/ка, хигиеничар/ка, бармен/ка… се само дел од занимањата кои итно се побаруваат преку огласите на Заводот за вработување на Црна Гора.
Угостителство
- 30 келнери/ки
- 24 бармени/ки
- 21 готвач/ка
- 2 готвачи специјалисти
- 33 помошни готвачи/ки
- 5 пица мајстори
- 6 помошни работници во месарница
Кујна и пекарница
- 58 помошни работници во кујна
- 2 пекари
- 6 помошни работници во пекарница
- 26 перачи на садови
Хотел и рецепција
- 14 помошни рецепционери
- 21 лифт-бој
- 16 хигиеничари
- 8 надзорници на соби
- 7 надзорници на хигиена
Плажа, базен и велнес
- 39 работници на плажа и базен
- 10 работници на базен
- 28 спасувачи
- 3 работници во велнес центар
Логистика и помошни работи
- 15 работници во магацин
- 2 магационери за алишта
- 1 референт за пресметки
- 2 мајстори за електрични колички
Останати работи
- 50 работници во зеленило
- 8 надворешни момчиња (помошници)
- 3 помошни работници во градинарство и рибарство
Како што беше изјавено за „Вијести“ од ХГ „Будванска ривиера“, за сите сезонски работници е обезбедено сместување и три оброци.
Тие истакнуваат дека презеле дополнителни мерки за обезбедување на работна сила и пронашле нови извори за ангажирање на сезонски работници од далечни пазари.
„Предминатата година за првпат во нашата компанија беа ангажирани државјани на Индија, околу 60 лица. Во овој момент има 49 работници од Индија кои ќе помогнат при отворањето на хотелските објекти оваа сезона“, истакнаа од Хотелската група.
Како што наведуваат, интересот на работниците од Црна Гора веќе неколку лета е мал, бидејќи повеќето од нив заминуваат на други дестинации, често во Хрватска.
