Во Франција утре целосно или делумно ќе бидат затворени меѓу 400 и 500 средни училишта поради последиците од насилните ученички протести. Најмалку 24 училишни установи биле запалени или вандализирани, соопшти денеска францускиот министер за образование Едуар Жефре.
„Во петокот наставата беше прекината во меѓу 400 и 500 установи, а веројатно приближно толку ќе бидат затворени и во понеделник, но со делумно и постепено продолжување на наставата“, изјави Жефре.
Францускиот министер наведе дека од почетокот на протестите биле повредени 78 вработени во образовниот систем.