Во Германија, маж слушнал момче како зборува украински и го фрлил од мост

Јавното обвинителство на Германија започна истрага за обид за убиство против непознато лице откако на 26 август во Ајнбек беше нападнато 10-годишно момче од Украина. Мажот го фрлил момчето преку оградата на мостот, соопшти вчера јавниот обвинител.

Пред инцидентот, момчето со уште неколку деца од Украина било на мост во мало гратче во областа Нортејм. Наводно, странецот се пожалил на руски дека децата зборуваат украински и ги замолил да зборуваат руски. Според истрагата, човекот во таа прилика рекол дека Украина ја започнала војната.

Инспекторите велат дека мажот прво влечел за коса девојка од групата, а потоа грабнал 10-годишно момче и го фрлил преку оградата на мостот. Малото момче при падот удрило во железните носачи поставени на нивото на мостот, а потоа паднало во каналот. Тој се здобил со повреди на главата и стапалото, пишува Велт.

Додека десетгодишното дете лежело, напаѓачот наводно фрлил стаклено шише кон него и го удрил во десното рамо. Мажот потоа побегнал. Момчето не е тешко повредено, изјави портпаролот на обвинителството. Му била укажана помош во болница, а потоа е пуштен дома.

Државниот правобранител смета дека нападот е политички мотивиран. Полицијата трага по сторителот кој е на возраст од 40 до 45 години, а во моментот на нападот носел сина маица со кратки ракави, црна капа и кратки фармерки.