На покана на платформата „Ало, инспекторе“, денеска во Хрватска е во тек еднодневен бојкот на продавниците, кој овојпат на покана на средношколците опфаќа бојкот на пекарите и на сите пекарски производи на сите продажни места во земјава.
Иако податоците на хрватската даночна управа покажаа дека првиот бојкот на продавниците, организиран пред четири недели, бил најуспешен, а последователните со текот на времето стивнале, организаторот Јосип Келемен не се согласува со ова и најавува продолжување на оваа акција бидејќи, како што рече, и младите сметаат дека треба да се продолжи.
Платформата „Ало, инспекторе“ проценува дека трговците поради бојкотот досега изгубиле над 100 милиони евра.
Седумдневниот бојкот на Конзум завршува денеска, а овој малопродажен синџир е избран врз основа на анкета спроведена од платформата „Ало, инспектор“ минатата недела. Следниот малопродажен синџир предложен за седумдневен бојкот е Плодине, објавија хрватските медиуми.
