Во италијанско село се роди првото бебе по 30 години

Раѓањето на бебето Лара Буси Трабуко во селото Палјара деј Марси во италијанскиот регион Абруцо стана симбол на надеж во земја која се соочува со длабока демографска криза.

Таа е првото бебе родено во тоа село по речиси 30 години, а нејзиното раѓање го зголеми бројот на жители на околу 20.

Се вчитува...

На крштевката во локалната црква присуствуваше практично целата заедница, јавува Гардијан.

Нејзината мајка, наставничката по музика Чинција Трабуко, се пресели од Рим во родното село на својот дедо со желба да го воспитува детето далеку од градската гужва, додека нејзиниот партнер Паоло Буси е локален градежен работник.

Италија веќе со години се соочува со т.н. „демографска зима“ – во 2024 година е забележан историски минимум на раѓања, со стапка на фертилитет од само 1,18 деца по жена.

Овој тренд е особено изразен во Абруцо, каде бројот на новороденчиња дополнително опадна во 2025 година.

Владата на италијанската премиерка Џорџа Мелони воведе финансиски поддршки како „бонус за бебе“ и месечни додатоци, кои ги доби и семејството на Лара.

Сепак, родителите и локалните власти предупредуваат дека парите не се доволни. Недостатокот на градинки, затворањето на училишта и породилишта, несигурните работни места и слаба поддршка за работечките мајки сè уште остануваат клучни проблеми, пишува Гардијан.