Како што се приближува Божиќ, луѓето ширум светот се подготвуваат за прослава во друштво на семејството и пријателите, следејќи верски и традиционални обичаи. Сепак, во некои земји прославата на Божиќ е забранета или делумно ограничена. Одредени држави применуваат строги мерки со кои се оневозможуваат јавни собири и прослави на овој празник.
Иако Божиќ во многу делови од светот е симбол на заедништво, дарување и мир, во некои држави оваа традиција не е дозволена. Забраните често опфаќаат одржување јавни настани, јавни миси или божиќни манифестации. Исто така, во поединечни земји не е дозволено јавно поставување божиќни украси. Лицата кои ги прекршуваат овие закони може да се соочат со казни.
Во тие земји, луѓето мораат да ги одржуваат прославите во приватен круг, избегнувајќи отворени и јавни манифестации.
Сомалија
Владата на Сомалија веќе подолг период спроведува забрана за прослави на Божиќ и Нова година. Забраната е на сила од 2009 година и е усогласена со примената на шеријатскиот закон во земјата.
Една од главните причини е загриженоста од можни напади од исламистички групи. Според изјави на владин претставник од Министерството за верски прашања, овие прослави немаат никаква поврзаност со исламот и поради тоа се сметаат за непожелни.
Додека јавните прослави на Божиќ, како оние во хотели или јавни простори, се забранети за сите сомалиски државјани, странските државјани и натаму имаат право приватно да ги прославуваат празниците во своите домови. Градоначалникот на главниот град Могадишу, Јусуф Хусеин Џимале, појасни дека рестрикциите се однесуваат исклучиво на муслиманите, додека немуслиманите можат слободно да го слават Божиќ без притисоци.
Тој додаде дека целта на оваа мерка е спречување на можни напади од милитантни групи врз јавни собири, особено од Ал-Шабаб, кој е поврзан со Ал-Каеда.
Северна Кореја
Во Северна Кореја, под строгиот комунистички режим на Ким Џонг-ун, прославите на Божиќ се строго забранети. Поголемиот дел од населението се изјаснува како агностици или атеисти, а верските активности се под силен надзор на властите. Според извештај на „Експрес“, јавните прослави на Божиќ во Северна Кореја се забранети уште од 1948 година, кога династијата Ким започнала со воведување ограничувања на верските слободи.
Иако уставот на Северна Кореја формално гарантира слобода на вероисповед, во пракса верските слободи речиси и да не постојат. Лицата кои ќе бидат фатени како учествуваат во божиќни служби или прослави се изложени на сериозни последици, вклучувајќи затвор, тортура, па дури и погубување.
Брунеј
Малата држава во Југоисточна Азија, со која владее султанот Хасанал Болкиах, ги забранува јавните прослави на Божиќ. Сепак, на жителите им е дозволено празникот да го одбележат во приватност, под услов однапред да ги известат властите.
Забраната е воведена во 2014 година, поради загриженоста дека прекумерното славење на Божиќ би можело да го доведе во заблуда муслиманското население во Брунеј. Прекршувањето на законот може да резултира со строги казни, вклучувајќи парична казна до 17.000 евра или затворска казна до пет години.
Иран
Во Иран, каде мнозинството од населението е муслиманско, јавните прослави на Божиќ се забранети, како и активности како китење божиќни елки, украсување домови со празнични украси или носење празнична облека.
На оние кои нема да ги почитуваат овие прописи им се закануваат парични или затворски казни. И покрај тоа, на христијаните во Иран им е дозволено приватно да го слават Божиќ, во своите домови или цркви.
Таџикистан
Владата на Таџикистан спроведува забрана за јавни прослави на Божиќ со цел одржување на општествена и верска стабилност. Ограничувањата опфаќаат забрана за божиќни елки, украси и свечена облека на јавни места.
Исто така, лицата кои ќе ги прекршат овие прописи може да се соочат со парични или затворски казни. Сепак, како и во Иран, на христијаните во Таџикистан им е дозволено да го слават празникот во своите домови или цркви.
