Економската самостојност и состојбата на пазарот на трудот се меѓу факторите што влијаат врз тоа кога младите го напуштаат семејниот дом. Во Македонија, младите во просек се осамостојуваат на 30,7 години, покажуваат податоците на Евростат за 2025 година.
Просечната возраст е за 4,4 години повисока од онаа во Европската Унија, каде младите го напуштаат родителскиот дом на 26,3 години.
Најдоцна од родителите се одвојуваат младите во Хрватска, со просечна возраст од 31,5 години. Следуваат Грција и Словачка со по 30,9 години, а во Шпанија и Италија просекот изнесува 30,2 години.
Најрано самостоен живот започнуваат младите во Финска, каде родителскиот дом го напуштаат на просечна возраст од 21,4 години. Во Данска просекот е 21,8 години, додека во Естонија и Литванија е 22,7 години.
Во регионот, младите во Србија во просек остануваат со родителите до 30,1 година, во Босна и Херцеговина до 29,5 години, додека во Бугарија просечната возраст е 27,9 години.
Според Евростат, подолгото останување во родителскиот дом е поврзано и со состојбата на пазарот на трудот. Во 2025 година, стапката на вработеност кај младите од 20 до 29 години во ЕУ изнесувала 65,5 проценти.
Во земјите каде младите порано се осамостојуваат, меѓу кои Холандија, Данска, Германија и Шведска, стапката на вработеност кај оваа возрасна група најчесто е над просекот на ЕУ.
Обратна тенденција се забележува во земјите каде младите подоцна го напуштаат родителскиот дом. Во Грција, Хрватска, Шпанија и Италија, стапката на вработеност кај младите е под европскиот просек.
Во Македонија, стапката на вработеност кај младите во 2025 година изнесувала 50,2 проценти.