Наука и технологија

Во Млечниот Пат има околу 170 милиони невидливи црни дупки

Во Млечниот Пат има околу 170 милиони невидливи црни дупки

Црните дупки се исклучително тешки за детекција. Бидејќи не емитуваат светлина, астрономите можат да ги забележат само во ретки прилики кога со својата силна гравитација влијаат врз околината. Ова значително ја отежнува проценката колку црни дупки со ѕвездена маса, настанати од колапс на масивни ѕвезди, всушност постојат во нашата галаксија. Новиот научен труд, базиран на детална симулација на Млечниот Пат, нуди проценка дека во таканареченото „галактичко гробишта“ би можеле да се наоѓаат околу 170 милиони вакви објекти, пишува ScienceAlert.

Симулација на галактичката историја

За да го проценат бројот на невидливите црни дупки, тим астрофизичари предводени од Том Ваг од институтот „Флатирон“ во САД, изработија виртуелни модели на Млечниот Пат. Во симулациите тие следеа 13,6 милијарди години од галактичката еволуција – од формирањето и умирањето на ѕвездите, па сè до настанокот на црните дупки. Научниците користат вакви модели бидејќи нивните резултати се сметаат за веродостоен приказ на вселената доколку доследно создаваат галаксија каква што набљудуваме денес.

Освен проценката на бројот, трудот ја предвидува и распределбата на црните дупки, нивната маса, како и карактеристиките на експлозиите од кои настанале. Со тоа се создава еден вид мапа за идни набљудувања кои ќе ја тестираат точноста на самата симулација. Трудот е доставен до списанијата на Американското астрономско друштво (AAS), а додека ја чека рецензијата, достапен е на серверот за предпечатење arXiv.

Бројност и густина

Според резултатите од симулацијата, во текот на постоењето на Млечниот Пат настанале околу 170 милиони црни дупки со ѕвездена маса. Иако оваа бројка изгледа огромна, во галактички размери тоа не подразбира голема густина. Тимот пресмета дека на оддалеченоста на која Сонцето се наоѓа од галактичкиот центар, би имало само една црна дупка на секои 6.250 кубни парсеци (простор со страници од околу 18,4 парсеци). За споредба, еден парсек изнесува 3,26 светлосни години.

Гледано низ историјата на галаксијата, 170 милиони црни дупки значат дека во просек настанувала по една на секои 80 години. Сепак, периодот на најинтензивно настанување се случил многу порано во вселенската историја, кога и формирањето на ѕвездите било многу почесто од денес. Поради ова, постои многу мала веројатност некоја црна дупка да се наоѓа во непосредна близина на нашиот Сончев Систем.

Црните дупки ретко остануваат на местото каде што настанале. Тие се формираат од масивни ѕвезди кои на крајот од својот животен век експлодираат како супернови. Многу од тие експлозии се асиметрични и на новосоздадената црна дупка ѝ даваат силен импулс, таканаречен гравитациски „шут“, кој ја отфрла со голема брзина низ галактичкиот простор.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни