Родителите на 12 ученици од село Идризово денеска се сретнаа со градоначалникот на Гази Баба да се договорат каде ќе ја продолжат наставата до изградбата на новото училиште. По едночасовен состанок излегоа само родителите за да кажат што е одлучено. Родителите рекоа дека побарале децата да учат во училиштето Његош но дека градоначалникот им одговорил дека нема место. Се договориле да учат во објект во Идризово за кој општината ќе се погрижи да обезбеди услови.
Градоначалникот им ветил на родителите дека наскоро ќе се среди објектот да има услови за децата да следат настава во Идризово.
Објектот каде се договорија родителите и градоначалникот на општината е објектот каде се одржа средбата меѓу градоначалникот, пратеникот Мухамед Зекири, Артан Груби и министерот за образование Арбр Адеми. Пред три дена, Владата донесе одлука за изградба на основно училиште во Идризово. 12 ученици се уште не ја започнаа учебната година бидејќи во основното училиште Његош не се дозволува отворање паралелка на албански јазик од 6 до 9 одделение.
