Нема донесено конечна одлука за реформа на пензискиот систем, ниту за евентуално зголемување на старосната граница за пензионирање. Владата најпрво ќе ги разгледа анализите и препораките што ќе ги изготват Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светска банка, по што ќе одлучува за натамошните чекори, порача министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
Одговарајќи на новинарски прашања по презентацијата на двегодишниот отчет за работата на Министерството за финансии, министерката рече дека меѓународните финансиски институции ќе направат детална анализа на состојбата во пензискиот систем, со посебен акцент на првиот и вториот пензиски столб и нивната долгорочна финансиска одржливост.
Според неа, анализите треба да дадат појасна слика за состојбите, но тоа не значи дека Владата автоматски ќе ги прифати сите препораки.
Димитриеска-Кочоска посочи дека една од можните теми што би можеле да произлезат од анализите е и евентуално зголемување на старосната граница за пензионирање, но нагласи дека во моментов станува збор само за можност, а не за конкретен предлог.
Таа рече дека лично смета оти треба да се овозможи поголема флексибилност, односно граѓаните кои сакаат и можат да продолжат да работат да имаат таква можност, додека оние што сакаат да се пензионираат според важечките услови да не бидат принудени да останат подолго во работен однос. Според неа, различните професии имаат различни услови на работа и затоа е потребен пофлексибилен пристап.
Министерката предупреди дека најголемиот предизвик за пензискиот систем останува неповолната демографска слика. Стареењето на населението и намалувањето на бројот на работоспособни граѓани, како што истакна, претставуваат сериозен ризик за долгорочната одржливост на пензискиот фонд, не само во Македонија, туку и во повеќето европски држави.
Таа информираше дека со ребалансот на Буџетот за 2026 година се обезбедени 19,6 милијарди денари за трансфер кон вториот пензиски столб и дека анализите на ММФ и Светска банка ќе го опфатат функционирањето на двата столба, нивната ефикасност и можните насоки за унапредување на системот.
Осврнувајќи се на фискалната политика, Димитриеска-Кочоска рече дека Владата презела антикризни мерки, меѓу кои и намалување на дел од акцизите на горивата, што според проценките имало буџетски ефект од околу 1,5 до 1,6 милијарди денари. Таа додаде дека точната пресметка на влијанието е отежната поради промените во потрошувачката и зголеменото точење гориво од граѓани на соседните земји.
Министерката нагласи дека наплатата на даноците и царините се движи согласно со планираното и бележи раст, додека просторот за поголеми измени во системот на ДДВ е ограничен поради обврските што произлегуваат од европските директиви.
Во однос на глобалниот минимален данок, таа посочи дека државата веќе ги усогласува прописите со правилата на ОЕЦД и работи на поедноставување на процедурите за мултинационалните компании.
Димитриеска-Кочоска оцени дека во изминатите две години е постигната поголема фискална стабилност, при што јавниот долг е намален на 58,9 проценти од БДП. Таа наведе дека во истиот период државата сервисирала 4,4 милијарди евра долг, а истовремено обезбедила средства за капитални инвестиции и редовно финансирање на буџетските обврски.
Според министерката, Владата продолжува со реформите во јавните финансии, дигитализацијата, борбата против сивата економија и подобрувањето на деловната клима. Таа оцени дека реформската агенда веќе дава резултати, овозможува пристап до средства од европскиот План за раст и придонесува за повисок економски раст, стабилизирање на инфлацијата и раст на платите.