Предложените измени на правилата за боледување не го скратуваат правото на боледување, туку само предвидуваат медицинските критериуми за негово продолжување да започнат по петтиот наместо по седмиот ден, појаснува директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), Златко Перински, во интервју за „Република“.
Перински нагласува дека матичниот лекар и понатаму ги задржува овластувањата за утврдување спреченост за работа до 15 дена, додека за подолг период одлучува лекарската комисија. По петтиот ден, за продолжување на боледувањето ќе се применуваат соодветни медицински критериуми, но дополнителната дијагностика нема да биде задолжителна за сите дијагнози. Според него, целта е порано откривање на евентуални посериозни здравствени состојби, а не побрзо враќање на пациентот на работа.
Новите правила предвидуваат и низа олеснувања:
- Дигитализација: Воведување на електронски ПСР-образец за боледувања подолги од 15 дена.
- Полесен пристап: Можност за утврдување боледување без физичко присуство за тешко болни, неподвижни лица и пациенти на болничко лекување.
- Теренски контроли: Перински појасни дека пациентите нема да имаат обврска постојано да бидат дома, туку контролата ќе се прилагодува според препораката од лекарот и здравствената состојба.
Иако Управниот одбор на ФЗО не ги усвои измените на последната седница, тие се очекува повторно да бидат разгледани в вторник. Директорот истакна дека Фондот останува отворен за дијалог и сугестии од лекарите и синдикатите за да се дојде до решение кое е во интерес на осигурениците.