Во Перу пронајдена мумија стара 800 години

Тим експерти пронашле мумија на брегот во централниот дел на Перу, за која се проценува дека е стара најмалку 800 години, изјавил еден од археолозите кои учествувале во ископувањето.

Питер Ван Дален Луна од Државниот универзитет во Сан Маркос изјави дека мумијата потекнува од култура која се развила меѓу брегот и планините на таа јужноамериканска земја и дека е откриена во областа Лима, пренесува Ројтерс. Полот на мумијата не е утврден.

„Главната карактеристика на мумијата е тоа што целото тело беше врзано со јажиња и рацете го покриваат лицето, што би било дел од локалниот модел на погребување“, додаде Ван Дален Луна.

Мумијата е пронајдена во подземна градба на периферијата на Лима, во гробница која исто така содржела подароци како керамика, остатоци од зеленчук и камени алатки.

Перу содржи стотици археолошки локалитети од периодот на култури кои се развиле пред и по Инките, кои доминирале во јужниот дел на Јужна Америка пред 500 години, од јужен Еквадор и Колумбија до централно Чиле.