Во пожар загинаа три деца: Страшна трагедија во Хрватска

Во пожарот на семејната куќа во ромската населба Куршанец во Чаковец животот го загубија две девојчиња и едно момче на возраст од две до девет години.

Родителите се обиделе да ги спасат од поткровјето на семејната куќа, потоа пожарникарите, но пожарот бил посилен.

Мајката успеала да го спаси бебето кое имало само неколку месеци носејќи го во раце. Тие се полесно повредени и се пуштени дома. Според информациите, семејството не било регистрирано во полиција ниту било дел од системот за социјална помош.

-Пожарот го зафатил целиот покрив од куќата, пред куќата, според првите информации мајката и таткото успеале да излезат, додека мајката во раце го носела бебето од куќата, но, за жал, кога пожарникарите го изгаснале пожарот на поткровјето од куќата, пронашле три мртви тела на деца – изјави Радован Гачал, портпарол на Одделот за полиција Меџимурје.

Градоначалничката на Чаковец Љерка Цивидини најави прогласување Ден на жалост.

-Во моментот на погребот ќе прогласиме ден на жалост, а комеморација ќе има и во ОУ Куршанец. Девојчето беше ученик во нашата предучилишна установа – рече таа.

Според медиумите, причина за пожарот не е неисправност на инсталациите, туку палење отпад во канта со жар од непознато потекло. Сите други детали ќе ги открие истрагата. Првичните информации говорат дека пожарот се проширил од скалите кон поткровјето.

Матијаш Дидо Оршуш, претседател на ромското малцинство во Меѓумурје, вели дека целата заедница е во шок.

-Ова можеше да се спречи ако го имавме она што ни требаше, што го има секое село овде и во Хрватска, но за жал го немаме во ромската населба, тоа се хидранти, и други работи, струја и слично. Ќе видиме каков ќе биде исходот, но за жал никој не може да врати три животи – изјави Оршуш.

Тој додаде дека условите за живот во оваа ромска населба се катастрофални.