Во Србија ќе се произведуваат електрични автомобили. Вучиќ: Почнува нова ера

Производството на електрични автомобили ќе започне во 2024 година во Крагујевац, соопшти денеска компанијата Стелантис по постигнатиот договор со властите на Србија, која има третина од сопственичкиот удел во фабриката во Крагуевац.

Ова го соопшти извршниот директор на „Стелантис“, Карлос Тавареш по средбата со српскиот претседател Александар Вучиќ, на која присуствуваа и премиерката Ана Брнабиќ и министерката за економија Анѓелка Атанасковиќ.

Инвестиција од 190 милиони евра

Стелантис е еден од водечките светски производители на автомобили, формиран со спојувањето на Фиат, Крислер и француската автомобилска групација ПСА.

Новиот електромобил, како што беше речено на денешната прес-конференција по повод потпишувањето на договорот за финансирање, ќе започне со производство кон средината на 2024 година, а инвестицијата е вредна 190 милиони евра, од кои Србија ќе инвестира 48 милиони.

„Ја совладавме технологијата, тоа го правиме во неколку делови од светот и сите ќе бидеме горди кога возилата ќе излезат од производствената лента. Ќе ги користиме и нашите познати брендови за да бидеме прифатени на пазарот“, изјави Карлос Таварес.

Вучиќ: Почнува нова ера

Српскиот претседател Александар Вучиќ оцени дека „почнува нова ера“ и посочи дека Стелантис „до 2030 година ќе има нешто помалку од 80 или 100 нови модели во светот“.

„Јасно е каква револуција се подготвува на автомобилскиот пазар. Тоа е од големо значење за Србија, каде веќе се произведуваат делови за многу автомобилски компании, но исклучително е важно кога го имате финалниот производ“, рече Вучиќ.

Фиат Крислер во Крагуевац го произведува моделот 500 L и со 350 милиони евра е меѓу 10-те најдобри извозници во Србија.