Охридското село Трпејца, познато како македонското Монако, веќе четврт ден со ред во ек на туристичката сезона е останато без вода, алармираат револтирани жители и туристи кои се обратија до редакцијата на 4news.mk.
Додека локалното население и гостите немаат вода ниту за пиење ниту за основните хигиенски потреби, мештаните кои издаваат сместувачки капацитети се соочуваат со вистински колапс – принудени се да им ги враќаат парите на туристите кои масовно си заминуваат.
Граѓаните кои се обратија до редакцијата на 4NEWS.mk велат дека од ЈП „Водовод“ им било соопштено дека во системот нема дефект, туку дека прекините се должат на енормно зголемена потрошувачка на вода во овој пик од сезоната.
Тие бараат итна интервенција од надлежните институции и инспекциски служби за расчистување на случајот и моментално нормализирање на водоснабдувањето, со цел да се спаси туристичката сезона.