39 лица загинаа, а 79 се повредени во напад во истанбулскиот клуб Реина ноќта на 1 јануари 2017 година, извршен од Исламската држава.
Терористот од групата „Исламска држава“ (ДАЕШ), кој подготвувал напад на преполно место на новогодишната ноќ, е приведен во турската егејска област Афионкарахисар, јави турската новинска агенција Ихљас.
Екипите на одделот за антитероризам на турската полиција ја започнаа операцијата по дојава дека ирачки државјанин истражувал места каде се собираат Евреите и христијаните. Тој, исто така, истражувал опции за напад во трговски или забавен центар.
Лајт Раад Заид ал/Рифат, со кодно име Абу Шуаиб, за кој беше откриено дека поминал обука за самоубиствени бомбашки напади, беше фатен на 29 декември во антитерористичка операција на турската полиција. Тој бил фатен во куќата што ја изнајмил во Афионкарахисар.
Во 2013 година Турција стана една од првите земји што ја прогласи Исламската држава за терористичка група.
Оттогаш, земјата постојано беше цел на групата, со најмалку десет самоубиствени напади, седум бомбашки напади и четири вооружени напади, при што загинаа најмалку 300 луѓе, а стотици беа повредени. Во нападот на клубот Реина во Истанбул ноќта на 1 јануари 2017 година, извршен од Исламската држава, загинаа 39 лица, а 79 беа повредени.
На 13 ноември годинава Во бомбашки напад на булеварот Истиклал во Истанбул, шест лица загинаа, а 81 беа повредени. Турските власти за нападот ја обвинија Работничката партија на Курдистан (ПКК) и нејзиниот сириски огранок.