Обвинителството во Уганда обвини маж за „тешка хомосексуалност“, која се казнува со смрт според контроверзниот нов закон против хомосексуалноста воведен оваа година, изјави вчера официјален претставник.
Законот, еден од најстрогите од ваков вид во светот, содржи одредби со кои „тешка хомосексуалност“ е кривично дело казниво со смрт и вклучува казни до доживотен затвор за консензуални истополови врски.
Осомничениот „беше обвинет во Сороти (во источна Уганда) и е во истражен притвор. Тој ќе се појави на суд“, рече Жаклин Окуи, портпаролка на Јавното обвинителство. Според обвинението што го видел АФП, 20-годишникот на 18 август бил обвинет за „незаконски сексуален однос со 41-годишен возрасен маж“.
„Кривично дело: тешка хомосексуалност спротивно на Законот за сузбивање на хомосексуалноста од 2023 година“, се вели во обвинението. Окуи изјави за АФП дека не е сигурна дали ова е првпат некој да биде обвинет за „тешка хомосексуалност“ според новиот закон.
Драконскиот закон стапи на сила во мај и беше осуден од Обединетите нации, странските влади, вклучително и Соединетите Држави и глобалните групи за човекови права.
Светската банка во август објави дека ги суспендира новите заеми на источноафриканската нација, велејќи дека законот е „фундаментално во спротивност“ со вредностите на финансиската институција со седиште во САД.
Во мај, американскиот претседател Џо Бајден повика на итно укинување на мерките, кои тој ги опиша како „трагично кршење на универзалните човекови права“ и се закани дека ќе ја прекине помошта и инвестициите во Уганда. Но, владата остана непоколеблива, а законот има широка поддршка во конзервативната и претежно христијанска земја. Пратениците го бранат новиот закон како неопходен бедем против перципираниот западен неморал.
