Македонија

Во втората половина на јануари официјална комуникација со Париз за натамошните чекори кон ЕУ

Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска на прес конференција, одговарајќи на новинарско прашање за тоа дали стапил во контакт со официјален Париз во однос на натамошните чекори за можноста за почеток на преговори, нагласи дека таа комуникација веќе постои, но во втората половина на јануари ќе се конкретизира, сега откако Франција го презеде претседавањето со Унијата.

Според него, во втората половина на јануари, по формирањето на Владата во Северна Македонија, ќе биде воспоставена комуникацијата со Франција, како актуелен претседавач на Европската Унија во насока на можностите кои земјава би ги имала за време на француското претседателство за одблокирање на процесот на евроинтеграциите.

„Во однос на Франција јас веќе имам воспоставена комуникација и барање за посета и средба со највисоките француски власти. Првично беше договорено таа средба да се реализира овие денови, меѓутоа сепак одлучивме дека таа средба треба да се реализира после формирањето на новата влада овде кај нас, односно во втората половина на јануари, кога ќе треба официјално да се воспостави таа комуникација, која што и сега во меѓувреме постои, меѓутоа е потребна за да се утврдат француските планови и позици по однос на нивниот ангажман во овој процес“, истакна денеска Османи.

Франција од 1 јануари го презеде претседавањето со Унијата и иако проширувањето изрично не се споменува, сепак за Северна Македонија и Албанија познавачите не исклучуваат напредок во процесот, особено поради тоа што веќе се споменуваше и француска иницијатива за решавање на македонско-бугарскиот спор и тргање на бугарското вето.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни