Македонија

Водата во Гостивар сѐ уште е само за техничка употреба: Се врши хиперхлорирање

Водата во Гостивар сѐ уште е само за техничка употреба: Се врши хиперхлорирање

Водата во Гостивар и понатаму не е безбедна за пиење и за подготовка на храна, туку смее да се користи исклучиво како техничка, соопшти министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по денешниот состанок на Главниот штаб за управување со кризи.

За да се прогласи за исправна, ќе бидат потребни три последователни негативни анализи од сите мерни точки во градот. Поради тоа, Институтот за јавно здравје, Агенцијата за храна и ветеринарство и инспекциските служби ќе го интензивираат мониторингот.

„Штом имаме три последователни резултати за исправна вода на сите точки, веднаш ќе ги известиме граѓаните дека таа е безбедна за пиење“, истакна Тошковски.

За побрзо прочистување на примарните и секундарните цевководи, во тек е процес на хиперхлорирање до максимално дозволеното законско ниво. Министерот апелираше до жителите максимално да ја испуштаат водата од чешмите во нивните домови.

Во однос на микробиолошкиот квалитет, во дел од примероците е детектирана бактеријата Proteus mirabilis, која најчесто се појавува во биофилмот на цевките од застояна вода поради претходното неодржување и некористење на системот.

До целосна стабилизација, продолжува дистрибуцијата на питка вода. Владата досега обезбеди околу 580.000 литри флаширана вода, а дополнителни количини пристигнуваат и од општините и од општествено одговорните компании.

Одговарајќи на новинарско прашање за наводите дека пациенти од гостиварската болница се префрлаат во Тетово поради неможност за стерилизација на опремата, Тошковски посочи дека ги проверува информациите, но според неговите досегашни сознанија, болницата функционира во целосен капацитет. За присуството на двајца бугарски пратеници на судење во Кочани и покрај забраната за влез, тој упати новинарите да поднесат писмено барање до МВР.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни