Воените делегации од Турција и Русија разговараа за извозот на жито во Москва

Воени делегации од Турција и Русија се состанаа во Москва за да разговараат за извозот на жито од Украина, објави турската приватна телевизија Си-Ен-Ен-Турк.

Телевизијата соопшти дека е близу решението за четирипартитниот механизам предложен од Турција.

Според информациите, воените делегации на двете земји разговарале во Москва и се договориле да продолжат консултациите, а се очекува во наредните денови да биде донесена одлука во Истанбул. Доколку се постигне договор во Истанбул, механизмот ќе почне да работи за еден месец.

Извори од турското претседателство вчера соопштија дека Истанбул следната недела ќе биде домаќин на четиристрана средба за да се најде решение за проблемот со блокираното жито во Украина.

На состанокот се очекува да присуствуваат претставници на Турција, Русија, Украина и Обединетите нации, вклучително и Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Во рок од еден месец, откако ќе се обезбеди работата на механизмот, треба да заминат првите бродови, а тоа ќе бидат трговските бродови на пристаништата во Одеса.

Во следните 6-8 месеци се очекува 35-40 милиони тони жито да поминат низ Босфорот и Дарданелите на светските пазари, соопшти телевизијата.

Турција води засилена дипломатија за решавање на кризата со храна предизвикана од војната во Украина. Напорите се насочени кон воспоставување механизам спонзориран од ОН за безбеден транспорт на жито од украинските пристаништа. Патоказот за формирање коридор за извоз на жито од Украина е подготвен како резултат на преговорите меѓу Турција и Русија, Украина и претставници на ОН. Според планот, Турција ќе има задача да го олесни и заштити транспортот на жито до Црното Море, соопштија турските власти.