Вокациите различни од обврските – Кои се предлозите на ДУИ и СДСМ за заменици министри?!

Наместо слободен викенд, пратениците ќе треба да ги читаат биографиите и да се запознаат со ново-предложените заменици министри во Владата. А меѓу нив новинари, професори, питомци…

Се вчитува...

Досегашниот заменик-министер за финансии, Башким Хасани кој инаку е професор по физичко воспитување ќе биде заменик во одбрана кај Шеќеринска.

Од „Телеком“, Назим Буши ќе се пресели во Министерството за внатрешни работи. Во неговото образовно досие стои дека завршил воена академија во Задар и Педагошки факултет во Скопје. Досегашниот заменик на МВР пак е предложен за заменик министер во Министерството за правда со кое раководи Бојан Маричиќ. Тој беше по два пати досега заменик и министер за внатрешни работи.

Дипломираниот политиколог Илхан Рахман, претставник на турската заедница во земјава, е предложен за заменик министер за политички систем и за односи меѓу заедниците, додека Фатмире Исаки за заменик на Бујар Османи во Министерството за надворешни работи. Таа е професорка по англиски јазик и кадар на ДПА.

За заменик-министер за финансии е предложен Димитар Ковачевски, вонреден професор на Американ колеџ Скопје, бил директор во „Телеком“ и во „ВИП“. Економистот Зоран Маневски, поранешен државен секретар во транспорт и врски и во економија, е предлог за заменик-министерското место во Министерството за економија, а досегашниот министер за земјоделие, земјоделскиот инженер Трајан Димковски станува заменик министер во истиот ресор.

Лекарот Илир Хасани, врвен трауматолог и поранешен директор на Ургентниот центар и на Клиниката за трауматологија, научник и македонски претставник во најреномираните светски асоцијации од областа на трауматологијата ќе биде заменик министер за здравство.
Арафат Шабани, професор по педагошка психологија, поранешен декан на Тетовскиот универзитет е предложен за заменик-министер за образование и наука. Енвер Хусејин од Турската демократска партија, дипломиран наставник по одделенска настава, кој бил поранешен државен секретар во Министерството за труд и социјална политика доаѓа на заменичкото место во овој ресор.

Долгогодишниот новинар и уредник Зоран Димитровски, кадар на Демократскиот сојуз е предложен за заменик на министерот кој раководи со Министерството за локална самоуправа. Александар Бајдевски, економист останува на местото заменик-министер за информатичко општество и администрација.

Седат Сулејмани, кој дипломирал општествени науки и работел во приватен бизнис, е предложен за заменик-министер во ресорот култура.

Беким Реџепи ќе биде заменик на министерот кој раководи со Министерството за транспорт и врски. Тој е дипломиран правник. Беше член на Судскиот совет. Христина Оџаклиеска, доктор по географски науки е планер за заштита на животната средина и природното наследство, предложена е за заменик министер за животна средина и просторно планирање, како кадар на партијата ДОМ.

Собраниската седница за избор на заменици министри е закажана за вторник во 11 часот

.

Извор: ТВ21