Русија пропаѓа со инвазијата на Украина, изјави вчера украинскиот претседател Володимир Зеленски во своето традиционално вечерно обраќање, јави ДПА.
Зеленски ја даде оваа изјава осум месеци откако руските сили ја нападнаа Украина на 24 февруари.
„Во Русија се зголемува чувството на пораз“, рече украинскиот лидер, истакнувајќи дека Русија, некогаш важен политички играч, сега е изолирана од меѓународната заедница.
Зеленски нагласи дека секој ден украинските сили ги враќаат териториите кои претходно биле заземени од руските сили.
Целата земја, вклучително и полуостровот Крим, ќе биде ослободена, рече Зеленски категорично, истовремено предупредувајќи ги своите сонародници дека треба да се подготват за „најлошата зима во нашата историја“, со оглед на штетата направена на украинската енергетска инфраструктура од руските сили.