Свет

Волстрит журнал: Пентагон ѝ забрани на Украина да гаѓа руски територии со американски ракети

Волстрит журнал: Пентагон ѝ забрани на Украина да гаѓа руски територии со американски ракети

Американското Министерство за одбрана ѝ го блокирало на Украина правото да користи американски ракети со долг дострел за напади врз цели длабоко во внатрешноста на Русија, пишува „Волстрит журнал“. Се наведува дека оваа мерка била дел од настојувањето на администрацијата на Доналд Трамп да го убеди рускиот претседател Владимир Путин да прифати мировни преговори.

Пентагон ја спречил Украина да ги користи тактичките ракетни системи ATAKMS, а воведен бил и посебен механизам за ревизија, развиен од потсекретарот за политика Елбриџ Колби, со кој се регулира употребата на американското оружје со долг дострел и европските системи кои зависат од американска технологија и разузнавачки податоци.

Системот му дава право на американскиот министер за одбрана Пит Хегсет да ја одобрува употребата на ATAKMS, чиј дострел е околу 305 километри.

Разликата во политиката на Бајден и Трамп

Администрацијата на претходниот американски претседател Џо Бајден, во ноември 2023 година, откако севернокорејските трупи почнаа да се борат на страната на Русија во војната во Украина, ѝ даде овластување на украинската војска да го користи ова оружје и против цели во внатрешноста на Русија.

Сепак, актуелниот американски претседател Доналд Трамп, воочи својата инаугурација во јануари, изјави за магазинот Time дека тоа било грешка.

„Многу и цврсто не се согласувам со тоа да се испраќаат ракети стотици километри длабоко во Русија. Само ја ескалираме оваа војна и ја правиме полоша. Тоа никогаш не смееше да биде дозволено“, рече тогаш Трамп.

Порака од Белата куќа

Сè уште не е јасно дали механизмот за ревизија на Министерството за одбрана претставува и формална промена на политиката. Сепак, тој се појавува паралелно со сè поголемата контрола врз испораките на муниција за Украина, во момент кога и американските резерви се намалуваат.

Портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит, наведе дека Трамп „многу јасно порача дека војната во Украина мора да заврши“ и нагласи дека „нема промени во воената положба во војната меѓу Русија и Украина во овој момент“.

Сепак, минатата недела, во рамки на напорите да се организираат преговори меѓу Путин и украинскиот претседател Володимир Зеленски, Трамп изјави дека Украина не може да ја победи Русија доколку не може да „игра офанзивно“ во војната.

„Многу е тешко, ако не и невозможно, да се добие војна без напади врз земјата агресор. Тоа е како врвна спортска екипа што има фантастична одбрана, но не ѝ е дозволено да игра напад. Нема шанси за победа“, заклучи Трамп.

Ново вооружување со европско финансирање

Минатиот месец, САД се согласија да ѝ испорачаат на Украина нови системи на вооружување, но само ако за нив платат европските земји.

Иако Трамп нагласи дека САД „не разгледуваат“ да обезбедат оружје со долг дострел со кое би можела да се гаѓа и самата Москва, американски функционери изјавиле за „Волстрит журнал“ дека администрацијата сепак одобрила продажба на 3.350 ракети „ERAMS“ со дострел до 400 километри.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни