Балкан

Возач на камион загина при сообраќајна несреќа во Бугарија

Возач на камион со турски регистарски таблички загина при судир на два камиона на автопатот Тракија, кај местото Оризово во реонот на Стара Загора во Бугарија, јавуваат бугарските медиуми.

Во несреќата покрај турскиот учествувал и камион со бугарски регистарски таблички од Велико Трново.

При судирот дошло до излевање на гориво на автопатот од двата камиона, поради што сообраќајот се одвива само на една коловозна лента и е формирана колона возила во должина од околу пет километри.

Како што претходно објави ТВ21, несреќата се случила околу 06:40 часот по бугарско време (05:40 по македонско време) на „161-от километар на автопатот Тракија“ на коловозната лента во правец кон Софија.

Претходно, ТВ21 повикувајќи се на првични неофицијални информации од бугарското Министерство за внатрешни работи јави дека загинатиот бил возач на камион со македонски регистарски таблички. 

Репортерите на бугарските БТВ и Нова исто така објавија дека се работи за камион со македонски регистарски таблички.

Засега се очекува официјална информација.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни