Свет

Вреќи со радиоактивна почва од Фукушима доставени до канцеларијата на јапонскиот премиер

Вреќи со радиоактивна почва од Фукушима доставени до канцеларијата на јапонскиот премиер

Ќеси полни со почва со ниско ниво на радијација од областа околу нуклеарната електрана „Фукушима“ беа истоварени во саботата пред зградата на јапонската влада во Токио, како симболичен гест за нејзината безбедност.

Десетици ќеси со земја, собрана по нуклеарната катастрофа во 2011 година, беа транспортирани до дворот на кабинетот на премиерот, за да се искористат – според информациите од Министерството за животна средина – како основа за цветни леи.

Целта е да се убеди јавноста дека оваа почва е безбедна за повторна употреба.
По несреќата во Фукушима, јапонските власти го отстранија површинскиот слој на почвата од погодените подрачја со цел да го намалат нивото на радијација. Така беа собрани речиси 14 милиони кубни метри земја, која се складира во објекти околу нуклеарната централа.

Според планот, целото количество треба да биде пренесено на други локации во Јапонија до 2045 година.

Иако најголемиот дел од складираната почва содржи ниски нивоа на радијација – споредливи со годишната доза од едно рендгенско снимање – локалните заедници не сакаат да ја прифатат. Затоа владата одлучи дел од неа симболично да ја искористи, за да докаже дека не претставува ризик.

Министерството појаснува дека врз контаминираната почва ќе биде нанесен заштитен слој од 20 сантиметри обична земја. Во меѓувреме, премиерот Шигеру Ишиба е под зголемен политички притисок.

Според најновите анкети, неговата владејачка коалиција е на пат да го изгуби мнозинството на претстојните избори за горниот дом на парламентот, кои ќе се одржат во недела. Се очекува дека евентуалниот пораз може да доведе до оставка на Ишиба, помалку од една година откако ја презеде функцијата.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни