Пожарот кој избувна пред два дена кај местото викано Јасика помеѓу охридските села Опеница и Косел е сè уште активен. Густиот чад се прошири и до туристичкиот центар Охрид, а високите температури го отежнуваат гасењето.
„Уште од раните утрински часови појавениот пожар што беше од вчера помеѓу селата Опеница и Косел е ставен под контрола. Значи тој е се уште активен, но ставен е под контрола. Нема негово проширување и се работи постапно на негово ликвидирање.“, вели Митко Темелковски од ЦУК.
Општина Охрид ги ангажира сите распололживи ресурси за гаснење на пожарот што од вчера зафати делови на шума и нискостеблеста вегетација.
Во гаснењето се вклучени екипи на територијалната противпожарна единица од Охрид, на општинските јавни претпријатија, Шумското стопанство, како и авиони од Дирекцијата за заштита и спасување.
Од Центарот за управување со кризи велат дека причините за зголемениот број на пожари се високите температури и човечкиот фактор.
„Дефинитивно се работи за човечки фактор и нормлано проширувањето на пожарите е поради високите темпратури со брза динамика. Човечкито фактор е најголем причинител. Кај претходниот голем пожар во Велмеј веќе е утврдено дека причината е човекот“, рече Митко Темелковски.
Активностите за справување со пожарот се одвиваат во сложени околности поради непристапноста на теренот и топлото време.
РЕПОРТЕР: ЈОВИЦА ПАУНОСКИ