Втора шанса за Законот за антидискриминација – законот кој Иванов пред 2 години не го потпиша повторно во Собрание

На првата седница на Комисијата за европски прашања се отвори расправата за донесување на Законот за заштита од дискриминација. Министерката за труд и социјала Јагода Шахпаска образложи дека овој закон е од суштинска важност, особено поради тоа што ние немаме закон за спречување и заштита од дискриминација кој е клучен пред почетокот на преговорите со Европската унија.

Се вчитува...

„Апелирам овој закон да биде донесен ден поскоро затоа што можеби , на некого од нас ова ни претставува само законско решение кое што претставува дел од нашите работни задачи како пратеници во законодавниот дом, меѓутоа ова законско решение за некои граѓани од државата е прашање на судбина. Забелешките кои што беа набележани од страна на Венецијанската комисија во законското решение кое што е денес предмет на расправа се веќе усогласени“, истакна Јагода Шахпаска.

Од ВМРО-ДПМНЕ истакнаа дека поради важноста тие ќе го поддржат законот но во натамошниот тек на расправа ќе поднесат амандмани. Гордана Силјановска реагираше на составот на Комисијата за антидискриминација во која постои одредбата за соодветна и правична застапност.

„Во вакви институции најважна треба да биде меритократијата односно стручноста на членовите, неговата компетитивност па тие како приоритет да бидат дополнети со сите други принципи“, вели Гордана Силјановска.

На ова реагираше Арта Биљали Зендели од ДУИ.

„Вие се обидовте да го нарушите целиот труд на овој закон за да се откорне дискриминацијата која што постоела врз етничка основа. Ова според мене за една професорка е недолично“, порача Арта Биљали Зендели.

Законот за антидискриминација беше усвоен пред две години, но тогашниот претседател Ѓорге Иванов не го потпиша указот на голем број закони меѓу кои и на овој закон. Потоа и Уставниот суд го поништи законот со образложение дека е донесен без потребното мнозинство од 61 пратеник.

.

Извор: ТВ21