Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска телефонски разговарал околу еден час со рускиот претседател Владимир Путин, при што главна тема била енергетската соработка меѓу двете земји. По разговорот, Вучиќ изјави дека очекува продолжување на договорот за испорака на руски гас по непроменета цена.
Договорот истекува на 30 септември, а според Вучиќ, Србија би продолжила да плаќа 318 евра за 1.000 кубни метри гас. Тој посочи дека актуелната пазарна цена е околу 868 евра.
– Верувам дека по денешниот разговор договорот ќе биде продолжен и дека ќе обезбедиме стабилно снабдување со гас – изјави Вучиќ.
Српскиот претседател додаде дека со Путин разговарале и за состојбата во Нафтената индустрија на Србија (НИС), билатералните односи и војната во Украина. Во однос на НИС, Вучиќ изрази надеж дека ќе биде пронајдено решение што ќе биде прифатливо за двете страни.
Тој на Путин му се заблагодарил и за руската помош при гаснењето на пожарите во Србија, при што посебно го споменал ангажманот на руски авион „Иљушин“ и неговиот екипаж.
Вучиќ во видеообраќање на Инстаграм наведе дека со Путин комуницира повеќе од 14 години и оцени дека разговорот бил содржаен и значаен.
Според него, продолжувањето на гасниот аранжман би ѝ обезбедило на Србија поволна цена, флексибилност и доволни количества гас. Двајцата разговарале и за можноста за учество на Руските железници во одредени инфраструктурни проекти во Србија.
Во разговорот била отворена и темата за политичката иднина на Србија. Вучиќ потврди дека директно го информирал Путин оти планира да поднесе оставка на функцијата претседател.
– На крајот, во име на Република Србија и во мое лично име, ѝ се заблагодарив на Руската Федерација и на претседателот Путин за соработката во изминатите 14 години и го информирав дека утре поднесувам оставка – изјави Вучиќ.
Тој претходно најави дека оставката ќе ја поднесе во недела, 27 септември, околу 20 часот. Во одвоена објава порача дека очекува идните претседатели на Србија одговорно да ја водат надворешната политика и да одржуваат рамнотежа во односите со различните актери на меѓународната сцена.