Вучиќ соопшти: За првпат по 13 години Србија нема да учествува на самитот ЕУ–Западен Балкан во Брисел

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, соопшти дека нема да учествува на денешниот самит ЕУ–Западен Балкан во Брисел, со што Србија нема да биде претставена на конференцијата.

„За првпат во последните 13-14 години, нема да учествуваме на оваа меѓународна конференција. Никој нема да ја претставува Република Србија, така што Западен Балкан ќе продолжи без нас“, изјави Вучиќ.

Тој нагласи дека одлуката ја донел за да се избегне било каква вина врз другите и за владата да не трпи дополнителен притисок.

„Во изминатите 24 часа разговарав со голем број европски лидери и сум искрено благодарен за почитта што Србија ја доби од Урсула фон дер Лајен и Антонио Коста. Сѐ што правам е за граѓаните на Србија. Иако знам дека оваа одлука ќе предизвика критики, верувам дека со тоа ги штитам интересите на Република Србија“, рече Вучиќ.

Тој додаде дека Србија ќе продолжи да го следи европскиот пат, барем додека тој е претседател.

Во меѓувреме, Србија беше критикувана во последниот извештај на Европската комисија за проширувањето, а и годинава не отвори нов кластер во преговорите со ЕУ.