Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, уште еднаш ги повика Американците да му одобрат лиценца на НИС за работа додека траат преговорите за сопственост.
„Сè уште не знам каква е американската одлука. Ја повикувам уште еднаш да донесат позитивна одлука. Не знам каква ќе биде, но повторно ги повикувам. Каква и да е, ќе издржиме со помалку проблеми отколку што некои мислеа. Се разбира, ќе има проблеми, нема да биде лесно и едноставно во наредните 50 дена. Но, и тоа ќе го издржиме и ќе го преживееме, а вие тоа минимално ќе го почувствувате“, рече Вучиќ обраќајќи им се на граѓаните на собирот во Мионица.
Тој истакна дека тоа, исто така, ја покажува силата на државата. „Но, ќе покажеме дека моралот е најважен за нас. Ние во политиката сметаме дека моралот е важен. Постојат некои во Србија кои зборувале дека моралот не е важен. Не, моралот е важен. Србин е таков и кога е тешко, а не само кога е лесно и убаво“, нагласи Вучиќ.
Како што рече, сто дена можат да издржат без доток на нафта. „Размислете која земја и колку земји во светот би можеле да го издржат тоа. А ние во оваа цела криза покажавме што сме и каков е нашиот образ“, истакна Вучиќ.
Тој нагласи дека Србија не ја рушела својата политика ни во тешка ситуација. „Не паничевме, не викавме, не почнавме да се плашиме и да бараме виновник во некој друг, туку рековме: не ги рушиме нашите пријателства кога е тешко, ќе бидеме фер, апсолутно фер до крај – и со оние кои ни воведоа санкции, и со оние од кои можевме да ја земеме таа имотна, а не сакаме, затоа што ние не ограбуваме никого. Ние само сакаме своето и сакаме да бидеме свои на своето“, истакна Вучиќ.
