Највисокиот вулкан на најнаселениот остров во Индонезија денеска исфрли облаци жежок гас и реки од лава во уште една ерупција, јави Асошиетед прес.
Според портпаролот на индонезиската Национална агенција за управување со катастрофи, Абдул Мухари, кој цитираше информации од Агенцијата за вулканологија и геолошки опасности при Министерството за енергија и минерални ресурси, монсунските дождови ја поткопаа и на крајот срушија купола од лава на врвот на планината Семеру висока 3.676 метри, која ја предизвика ерупцијата.
Неколку села беа покриени со пепел, но засега нема информации за жртви.
На луѓето им беше препорачано да се држат на 5 километри подалеку од кратерот и да не се приближуваат до бреговите на реката Бешук Кобокан, која е на околу 13 километри од кратерот. 2.000 луѓе беа евакуирани во привремени засолништа или други безбедни области, главно жени, деца и стари лица, рече Јоко Самбанг, кој ја предводи агенцијата за управување со катастрофи во Лумајанг, провинцијата Источна Јава.
Последната голема ерупција на Семеру беше во декември минатата година, кога вулканот уби 51 лице во селата кои беа затрупани со слоеви кал. Стотици други луѓе претрпеле сериозни изгореници, а ерупцијата принудила евакуација на повеќе од 10.000 луѓе.
Владата извади околу 2.970 куќи од опасната зона.
Семеру еруптираше многу пати во текот на изминатите 200 години. Сепак, како што е случајот со многу од 129-те активни вулкани во Индонезија, десетици илјади луѓе продолжуваат да живеат на нејзините плодни падини