Опозициските парламентарни партии во Србија за денеска закажаа протест пред зградата на српската влада по повод трагедијата на железничката станица во Нови Сад, во која загинаа 14 лица, јави ТВ Ен1.
Барањата што ги покренаа демонстрантите се оставки на премиерот Милош Вучевиќ и градоначалникот на Нови Сад Милан Ѓуриќ, декласификација на договорите поврзани со реконструкцијата на железничката станица во Нови Сад, апсење на одговорните за трагедијата и вонредната контрола на сите инфраструктурни проекти кои се започнати или на кои се работи во последните 10 години. Ова стана јасно од соопштението на опозициската партија Народно движење на Србија.
На 1 ноември 14 лица загинаа, а тројца беа тешко повредени кога се урна бетонската настрешница на станицата во Нови Сад.
Оставка досега си поднесе само министерот за градежништво, транспорт и инфраструктура, Горан Весиќ, но тој рече дека не ја презема вината за трагедијата.
Во вторникот, за време на протестот во Нови Сад, мирниот марш се претвори во општ хаос во центарот на градот. Групи маскирани млади ја оштетиле зградата на локалниот штаб на владејачката Српска напредна партија, на која граѓаните претходно фрлале црвена боја. Искршени се вратата и прозорците на градското собрание, се сеќава Ен1.
