Поговорката на Наим Фрашери „За нас сонцето изгрева на Запад“, е мотото под кое годинава Македонија ќе ја одбележи 110-годишнината од Битолскиот конгрес. Овие зборови на албанскиот преродбеник, според вицепремиерот Бујар Османи, ја покажува историската определба на Албанците кон вредностите на западната цивилизација.
„Денеска 110 години подоцна, овој историски настан има големо влијание и во современиот политички контекст кога Албанците од целиот регион, но и воопшто, се исправени пред клучни пресвртници за прифаќање и обезбедување на нивната ориентација кон запад“, изјави Бујар Османи, вицепремиер за европски прашања.
Главните активности за одбележување на овој ден ќе се одржат во Скопје и Битола. Ќе се организираат научна конференција и промоција на книги, поврзани со настаните и луѓето кои помогнале во обединувањето на албанската азбука.
„При составување на оваа програма се обидовме да бидат вклучени сите зони каде што живеат Албанци, државни и академски институции и еве успеавме да формираме програма која ќе биде достоинствена за одбележување на 110-годишнината од Битолскиот конгрес“, изјави Скндер Асани од Институт за духовно и културно наследство на Албанците.
Културни активности ќе се организираат и на 22-ри ноември во Македонската филхармонија со звуците на виолината на Шкелзен Доли.
„Ќе биде голема вечер каде сите љубители на уметноста од сите области, се надевам дека ќе дојдат и од други албански места, но и самите Македонци ќе уживаат во мелодиите на најпознатите светски композитори“, изјави Шкелзен Доли, виолинист.
Конгресот за азбуката во Битола почна на 14-ти, а заврши на 22-ви ноември во 1908. Целта на интелектуалците собрани во градот на конзулите беше една – Албанците да пишуваат со стандардизирана азбука. Инаку, 22-ри ноември е празник и неработен ден за сите Албанците во Македонија.
Репортер: Бесир Арифи
