Кога зборуваме за дигитализација како за четврта револуција, 5G-мрежата ќе предизвика многу попозитивни ефекти отколку појавата на електричната енергија и ќе биде инструмент за трансформација, односно за дигитализација на традиционалните индустрии, истакна денеска премиерот Зоран Заев по потпишувањето на Меморандум за разбирање за безбедност на 5G технологиите, со потсекретарот за економски раст, енергија и животна средина во Владата на САД, Кеит Крач.
Премиерот нагласи дека со Меморандумот РСМ и САД ја потврдуваат својата желба да ја зајакнат соработката поврзана со спроведувањето на 5G технологијата која, како што рече, е во согласност со нашиот национален оперативен бродбенд план што го усвоивме минатата година како наш стратешки документ за новата ера на дигитализацијата на земјата.
– Република Северна Македонија како земја кандидат за членство во ЕУ има обврска да ги усогласи националните политики за развој на електронските комуникации со политиките на ЕУ, како и нашите политики за безбедносните аспекти на имплементацијата на 5G-технологијата со нашиот стратешки партнер и сојузник во НАТО, САД, наведе претседателот на Владата.
Тој посочи дека имајќи ги во предвид предностите на безжичната комуникација од петтата односно 5G-технологијата овој Меморандум за соработка е од витално значење за идниот просперитет на нашата земја од економски аспект, како и за националната безбедност.
– 5G ќе овозможи огромна низа нови апликации, вклучително и обезбедување клучни услуги за јавноста што ќе им користат на нашите граѓани и на нашата економија. Зголемените количини на податоци на 5G-мрежите дополнително ќе ги поврзат економиите во светот, вклучително и Република Северна Македонија и САД и ќе ги олеснат прекуграничните услуги и трговијата, образложи Заев.
.
