Заев: Договорот од Преспа го потврди и заштити македонскиот идентитет, нашата територија и јазик

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, на покана на Главниот одбор на Сојузот на борците од Народно- ослободителната антифашистичка војна на Македонија (СБНОАВРМ), како и на Градскиот одбор на град Скопје на СБНОАВРМ, учествуваше на дебатата што оваа организација редовно ја приредува на актуелни општествено-политички теми.

На дебатата, на која присуствуваа и делегации на повеќе општински одбори на организацијата, д-р Никола Стојановски, претседател на Сојузот на борци од Народно-ослободителната антифашистичка војна на Македонија и проф. д-р Трајко Стаматовски, претседател на градскиот одбор на Сојузот, го поздравија присуството на премиерот Заев и изразија благодарност за поддршката што тој и Владата на РМ им ја посветуваат на борците и поддржувачите на борците од НОВ.

Премиерот Заев на почетокот истакна дека со огромно задоволство го прифаќа предлогот да биде покровител на државното одбележување на 75 годишнината од Првото заседание на АСНОМ во 2019 година, како и на 70 годишнината од основањето на Сојузот на борци од Народно-ослободителната антифашистичка војна на Македонија, која со пригодни настани ќе се одбележи идната година.

Посебно внимание на дебатата претседателот на Владата на РМ Зоран Заев посвети на актуелниот процес за уставни измени во Собранието на Република Македонија и на лажните вести и искривени толкувања кои манипулираа дека АСНОМ ќе се избрише  од Уставот.

„Вистината е дека АСНОМ не само што не се брише во Преамбулата, туку напротив, АСНОМ сега ќе се спомнува два пати. Со предложениот амандман со делот за АСНОМ се појаснува дека во Преамбулата на Уставот отсега, наместо на манифестот, ќе се повикуваме на правните решенија кои се содржани во Прогласот на АСНОМ како каталог на правните решенија кои се темел на нашата државност. Со тоа, да подвлечам, местото и значењето на АСНОМ во државно-правната традиција со новиот предложен амандман е потврдено и засилено“, информираше премиерот Заев на дебатата со борците од НОВ.

Извор: ТВ21