Заев на одмор, Мицкоски преговара – сите отворени за да разговараат со сите, но нема конкретен резултат

Откако победи на парламентарните избори со двајца  пратеници повеќе од опонентот ВМРО-ДПМНЕ, лидерот на СДСМ, Зоран Заев, отиде на одмор. Ниту тој, ниту некој друг од неговата партија не се појави пред медиумите, за да се произнесат што ќе направат за формирањето на Владата, најавија детали  празникот Илинден, но меѓутоа Заев денеска го прекина неколкудневниот молк, со интервју во пишана форма.

„Процесот на преговори за формирање нов состав на владата ќе почне веднаш по илинденските празници. СДСМ е голема, широкограда и отворена партија и ќе разговараме за коалирање со сите партии што се подготвени да го прифатат европскиот, демократскиот, слободарскиот концепт и патот што Северна Македонија го оди како земја членка на НАТО“, истакна Зоран Заев.

Додека Заев ужива на одмор, сигурен дека мандатот за формирање на Влада му припаѓа нему, од друга страна опозицијата изгледа дека го поместува секој камен за да види како ќе дојде на власт. Вчера Извршниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ го овласти претседателот Христијан Мицкоски да „продолжи со разговори во обидот за составување на ново парламентарно мнозинство“.

Опозиционерите велат дека изборите кои се одржаа на 15 јули беа спроведени во недемократска атмосфера со масовен поткуп на гласови од страна на СДСМ. Мицкоски смета дека ВМРО-ДПМНЕ победила на избори, затоа гледа можност за формирање на Влада. Но, според Заев, тоа е само илузија.

„Оваа илузија на ВМРО ДПМНЕ дека победиле на изборите на кои имаат два пратеника помалку од победникот беше смешна до синоќа зашто граѓаните мислеа дека само Мицкоски така си замислил. Но, по синоќешниот став на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, оваа нивна илузија е навистина загрижувачка за нивната партија“, посочи Заев.

И во 2016 година Заев не победи на изборите, но дојде на чело на Власта бидејќи ДУИ го прекрши принципот „Победник со победник“. И овој пат албанските партии ќе одлучат кому ќе му го дадат клучот на Владата поради тоа што Мицкоски ја отфрли идејата за размена на пратеници со Заев со цел да не го прифати условот на ДУИ за премиер Албанец.

Меѓутоа за разлика од 2016, албанскиот кампус овој пат има голема конкуренција во себе, со што постојат повеќе опции за формирање на Владата. ДУИ има 15 мандати, а коалицијата АА-ААА 12, и затоа е тешко да се предвиди следниот состав на идната Влада. Од ДУИ вчера рекоа дека се уште не ги почнале разговорите за коалицирање, и дека прво ќе седнат да разговараат со албанските партии.

Портпаролот на ДУИ за грчкиот весник „Етнос“ изјавил дека неговата партија ќе го земе мандатот за формирање на Влада, а ќе одлучат и кои партии ќе бидат дел од коалицијата. Од друга страна коалицијата Алијанса – Алтернатива, се произнесоа дека не сакаат да бидат дел од Влада со ДУИ. Левица има 2 пратеника а претседателот на оваа партија изјави дека нема да коалицира со СДСМ. ДПА има само еден пратеник и се уште не излезе со став која коалиција ќе ја поддржи.

.

Извор: ТВ21

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.
  • Ознаки
  • 1
spot_img

Најважното